Преземете го животот во свои раце, и што ќе се случи?

Страшна работа: Нема кого да обвинувате. -Erica Jung

Во едно истражување биле испитувани и следени 2000 претприемачи со едноставна задача, кои се 3 клучни разлики кои ги одвојуваат луѓето со високи постигнувања од сите останати. Ова се резултатите:

  1. Имаат јасна слика за тоа што го сакаат;
  2. Имаат развиено моќни навики за успех;
  3. Превземаат oдговорност за нивните резултати и се насочени кон акција.

Што би рекол познатиот американски филозоф Џим Рон – Не можеш да вработиш некој друг да ги прави твоите склекови.

Одговорноста претставува фундаментален чекор на сѐ што следува понатаму во нашиот живот. Ова е концепт кој луѓето не го разбираат или пак не сакаат да го разберат и да го прифатат, особено кога станува збор за “лоши работи”, и со леснотија ја прифаќаат идејата дека некои надворешни фактори влијаат на нивниот живот. Сето тоа придонесува човекот да верува дека нема избор.

Постои една феноменaлна формула која ја научив од мојот ментор Џек Кенфилд и која на едноставен начин го објаснува концептот одговорност.

Формулата гласи:

Н + О = Р   

Н = Настан

О = Одговор-ност (однесување)

Р = Резултат

Секој резултат на нашите животни искуства е резултат на тоа како одговораме на претходен настан или настани во нашиот живот. Доколку не сме задоволни од резултатите кои ги добиваме ние секогаш имаме два избора:

  1. Можеме да ја обвинуваме настанатата ситуација. Со други зборови, можеме да го обвинуваме времето, економијата, државата, родителите, колегите од работа, шефот, директорот, претседателот, конкуренцијата, партнерот, децата, родовата пристрасност, и оваа листа може да оди во недоглед.

Или пак…

  1. Можеме да го промениме начинот на кој одговараме на тој настан, се додека не го добиеме посакуваниот резултат. Можеме да го промениме сопственото мислење, да ја промениме комуникацијата, да ги промениме сликите во нашиот ум и да го промениме нашето однесување.

Ние ги создаваме сопствените искуства, нашиот успех, квалитетот на нашите врски, нашето здравје преку нашите мисли и верувања, визуелните слики на кои се фокусираме и чувствата кои ги креираме преку нив и нашите активности. И ние имаме целосна контрола врз сите овие искуства. Во наша предност е да претпоставиме и презeмеме целосна одговорност за околностите во нашиот живот како и нашата реакција врз нив. Моќта е во нашиот одговор на настаните кои ни се случуваат.

Некој ќе рече а што е со потешките болести како на пример ракот? Зарем јас сум одговорен за тоа искуство? Не е целта овде некого да обвинуваме или пак да се чувствува виновно. Прашањето е дали се храниме здраво, дали пушиме, дали водиме здрав живот, дали пешачиме, дали вежбаме, дали пиеме алкохол, дали гледаме програми на телевизија кои вознемируваат со својата содржина, дали слушаме музика, со кого се дружиме, дали мислиме позитивно, дали простуваме, дали обвинуваме и критикуваме, дали се релаксираме, дали медитираме, дали ги прочистуваме цревата, дали пиеме прочистена вода… Односно дали сме преземале активности кои ни даваат здрава внатрешна и надворешна околина. Многу луѓе не се свесни за тоа, и ова не е игра на обвинување, ова е игра на освестување. Кога ќе станеме свесни и ќе преземеме одговорност за сопствениот живот ќе можеме да го фокусираме нашето внимание на разбирање на себеси и нашиот опсег на можни избори за секоја дадена ситуација.

Убавината е во тоа што можеме да ги пробиеме тие условени одговори на околностите кои ни се случуваат во животот, да ја зголемиме свесноста и да го промениме однесувањето. А сето тоа ќе не одведе кон посакуваниот резултат.

Кога нашите избори не резултираат со добивање на тоа што го посакуваме, наместо да бараме некого или нешто да обвинуваме, најдобро е да се свртиме кон себеси, да видиме и почувтвуваме што е тоа што се случува во нас, да разбереме зошто тоа се случува и каква акција е потребно да превземеме следно.

Ве охрабрувам да започнете да станувате свесни за вашите мисли, за вашите слики, и за вашето однесување, и секојдневно да ја зголемувате дозата на одговорност во вашиот живот.Свесното преземање одговорност за сопствениот живот подразбира дека во секој миг имаме можност да направиме избор и да донесеме одлука која ќе биде достојна за квалитетот на животот кој го живееме. Во нас лежи моќта да живееме живот кој го посакуваме.

Индивидуалната свест е дел од колективната свест. Не можеме да го промените светот доколку индивидуално не се промениме и не презмеме одговорност за сопствениот живот. Само со раст и развој на индивидуалната свесност ќе можеме да придонесеме за поголемо добро во колективната свесност.

Постои само една личност која е одговорна за квалитетот на животот кој го живееме. Таа личност сум ЈАС!

Напишете коментар